следете ги нашите активности на mail

site map

Култура

Голем успех на
Фестивалот на францускиот филм во Македонија


Седмото издание на Францускиот филмски фестивал во Македонија се одржа од 18 до 22 уни 2014 год., на неколку локации во Скопје (кината „Фросина“ и „Милениум“ и Кинотеката на Македонија) и една вечер во Домот на културата во Охрид.
Фестивалот привлече бројна публика и наиде на голем медиумски интерес.
Тој понуди наслови од најновата француска продукција, чија примарна одлика е квалитетот, како и средби на публиката со видни француски имиња од светот на француската кинематографија.

Овогодинешната понуда на Фестивалот на францускиот филм следеше три концепциски линии:

  • Филмови во официјална селекција, кои имаа за цел да го приближат актуелниот француски филм, свртен кон широката публика (*ос - официјална селекција);
  • Филмови по избор на гостите на фестивалот, преку кои тие реализираа поблизок контакт со публиката (*сг - средба со гостите);
  • Филмови кои имаа за цел да и оддадат почит на 70-годишнината од Истоварувањето на сојузничките сили во Нормандија (*кс - комеморативна селекција).

Целта на оваа манифестација остана истата како и онаа на изминатите иданија:

  • да делува во насока на промоција на францускиот филм во регионот на Балканот;
  • да им овозможи на гледачите да погледнат избор од најдобрите и најнови француски филмови и да и
  • остави простор за дискусија на публиката со присутните гости по проекциите.

Во рамките на фестивалот беа прикажани девет долгометражни филмови: „Ке д’Орсе“, „Ив Сен Лоран“, „Венера во крзно“, „Газели“, „Покажете го јазикот, госпоѓице", „Од трње“, „Голгота“, „96 часа“; четири краткометражни филмови: „Араст“, „Лин е забележана“, „Леукемијата на Мика“, „Лудата розова лимузина“ и еден документарен филм „Светлината на зората“.

Фестивалот беше домаќин на следните синеасти: продуцентите Фредерик Бурбулон и Ален Мајор, режисерот Фредерик Шендорфер, актерите Жаки Бероаје и Жозефин де Мо

Режисерите Бертран Таверние и Фредерик Шендорфер добија Златни маски за животно дело.
Таверние сними и специјална видео порака, наменета исклучиво за македонската публика:

Беа организирани и професионални продуцентски работилници помеѓу македонски и француски продуценти, со помош на ЕСРА Скопје. 

Фестивалот беше реализиран со поддршка на следните партнери: Министерството за култура на Македонија, регионот Долна Нормандија, Младинскиот културен центар и Кинотеката на Македонија, „Охридска банка - Сосиете Женерал Групација“, Пежо, ЕСРА во Скопје и маркетинг агенцијата "Публицис".

Ова седмо издание на фестивалот имаше за цел да ја промовира и да ја претстави француската кинематографија во Македонија и на Балканот, нудејќи избор од најдобрите француски филмови за оваа година. Како што истакна на прес-конференцијата Н.Е. Г-ѓа Лоренс Оер, Амбасадор на Франција, оваа манифестација стана најзначајната француска културна манифестација во регионот.

*   *   *

ПРОГРАМА НА 7-то ИЗДАНИЕ НА
ФЕСТИВАЛОТ НА ФРАНЦУСКИ ФИЛМ ВО МАКЕДОНИЈА

Понеделник 16 јуни 2014, 11 часот
Порта Македонија
Конференција за печат по повод фестивалот.

Среда, 18 јуни 2014 | Кино „Милениум“, 20:30 часот

20h00 - Свечен пречек на гостите
20h30 - Официјално отворање во присуство на гостите на Фестивалот:
Фредерик Бурбулон, продуцент
Жаки Бероаје, актер
Ален Мајор, продуцент
Жозефин Де Мо
, актерка
Бруно Алексиу, композитор,
Фредерик Шендорфер, режисер.

21h30 Проекција на филмот КЕ Д’ОРСЕ
на Бертран Таверние (2012), со Тјери Лермит, Рафаел Персоназ, Нилс Арструп. (*сг)
Александар Тајар де Вормс е висок и прекрасен; им се допаѓа на жените, а попатно е и министер за надворешни работи на земјата на Просветителството: Франција. Има силен дух и војува со дипломатските концепти: легитимност, луцидност и ефикасност. Младиот Артур Вламенк, млад дипломец на ЕНА, е вработен како лице задолжено да се грижи за „говорот“ во Министерството за надворешни работи. Но и покрај сѐ, треба да научи како да си направи простор за себе меѓу директорот на кабинетот и советниците во Ке д’Орсе, кадешто стресот, амбицијата и меѓусебните удари не се баш ретки...

*     *     *     *     *

Четврток, 19 јуни 2014 

СКОПЈЕ

Кинотека на Македонија
10:00 Продуцентски работилници во ЕСРА-Скопје со Фредерик Бурбулон и Ален Мајор :
„Како да се реализира продукција во денешна Европа?“

Кинотека на Македонија
 18:00- Проекција на кракометражни филмови на Домот на визуелните дејности на Долна Нормадија(*кс)

  • „АРАСТ“ на Жералд Леру и Клеман Верне,
  • „ЛИН Е ЗАБЕЛЕЖАНА“ на Фредерик Летерје,
  • „ЛЕУКЕМИЈАТА НА МИКА“ на Бруно Роми.

Кино Фросина

20:30 ИВ СЕН-ЛОРАН
на Жалил Лепер (2014), со Пјер Нине, Гијом Галиен, Шарлот Ле Бон. (*ос)
Париз, 1957. Само што наполнува 21 година, Ив Сен-Лоран е повикан да го преземе управувањето со престижната куќа за висока мода, основана од Кристијан Диор, кој умира непосредно пред тоа. Во текот на неговата прва триумфална модна ревија, се запознава со Пјер Берже, средба што ќе му го промени животот. Љубовници и деловни партнери, три години подоцна двајцата ќе се здружат и ќе ја создадат компанијата Ив Сен-Лоран. И покрај своите опсесии и внатрешни демони, Ив Сен-Лоран се подготвува да направи револуција во светот на модата со неговиот модерен и иконокластичен приод.

22:30 ВЕНЕРА ВО КРЗНО
на Роман Полански (2013), со Емануела Сење, Матје Амалрик. (*ос)
Сам во еден париски театар по изминат ден во аудиција на глумици за претставата што се подготвува да ја постави на сцена, Тома се жали на телефон за јадната изведба на кандидатките. Ниту една од нив ја нема потребната широчина за главната ролја. Се подготвува да замине кога Ванда неочекувано се појавува, како вистински виор од незапирлива и слободна енергија. Ванда е олицетворение на сѐ што Тома мрази. Вулгарна е, непромислена, и не би отстапила пред ништо само да ја добие улогата. Но доведен во тесно и поттикнат од љубопитството, Тома ја остава да си ја испроба среќата и запрепастен е кога гледа како Ванда се преобразува... 

ОХРИД | Центар за култура „Григор Прличев“

20:30 - Свечен пречек на гостите
21:00 - Официјално отворање на филмската вечер во Охрид од страна на г-дин Никола Бакрачески, Градоначалник на Охрид
21:30 - Проекција ИВ СЕН-ЛОРАН (*ос)

*     *     *     *

Петок 20 јуни 2014

СКОПЈЕ
Кинотека на Македонија

19:00
КАПЕТАН КОНАН
од Бертран Таверние (1996), со Филип Торетон, Самиел Ле Биан, Бернар Ле Кок. (*кс)
Балкан, септември 1918. Иако во Франција примирјето стапува на сила, единствено Источната армија не е демобилизирана и останува и понатаму во воена состојба. Букурешт е град на касарни, војниците прават нереди, пљачкосуваат и убиваат. Норбер има чувствителна задача да ја докаже вината на обвинетите, луѓето на капетан Конан, негов пријател кој е заслужен, под команда на Франше Депре, за заземање на врвот Сокол. И покрај бесот на Конан, кој ги брани своите војници против сите, Норбер ќе ја изврши докрај својата должност. 

Кино Фросина

21:00- Вечер со Жозефин Де Мо, актерка и режисерка.
Модератор: г-ѓа Гена Теодосиевска, новинар.
Проекција на краткометражниот филм „Лудата розова лимузина“ на Жозефин де Мо и
проекција на филмот
ГАЗЕЛИ
на Мона Ашаш (2013), со Камиј Шаму, Одре Флеро, Ан Броше, Жозефин де Мо. (*сг)
Мари и Ерик, триесетгодишници кои се заедно уште од гимназиски денови, потпишуваат договор за купување на првиот стан, кога Мари одеднаш ја обзема вртоглав сомнеж. Средбата со еден убав, црномурен и мистериозен тип само ќе ја забрза нејзината одлука: го напушта Ерик за да се нурне во големиот базен на задоволство и слобода. Но таа пред сѐ ќе го открие дното на базенот каде владее безмилосен свет: на нејзина возраст, целибатот бргу се восприема како сомнителен порок. Таа мора да научи да гледа на својот целибат како на шанса од која ќе може да излезе посилна и подготвена најпосле да биде среќна.  


23:00 ПОКАЖЕТЕ ГО ЈАЗИКОТ, ГОСПОЃИЦЕ
од Аксел Ропер (2012), со Луиз Бургоен, Седрик Кан, Лоран Стокер. (*ос)
Борис и Димитри Пизарник се лекари во кинеската четврт во Париз. Браќа се и заедно ја обавуваат својата професија, посветувајќи се целосно на своите пациенти. Една ноќ, треба да лекуваат едно девојче дијабетичар што живее сама со нејзината мајка Жудит. И двајцата се вљубуваат во Жудит. Наскоро, сѐ ќе се промени...

*     *     *     *     *

Сабота, 21 јуни 2014

СКОПЈЕ

Кинотека на Македонија
19:00 Проекција на документарниот филм  СВЕТЛИНАТА НА ЗОРАТА(*кс)
на Жан-Кристоф Розе.
Гостин: Бруно Алексиу, композитор на музиката.

Филмот ја отсликува епопејата што ја претставува една од најголемите воени операции што човекот ги обмислил, од летото 1941 до 6 јуни 1944. Тој ја изложува стратегијата на Хитлер за да го осуети и спречи истоварувањето. Во него се раскажува за големиот пресврт во Втората Светска Војна од геополитички, воено индустриски и од аголот на безимените борци што ќе платат висока цена. По повод седумдесетгодишнината од Истоварувањето, филм што е целосно направен со дигитално обработени и обоени архивски снимки.

Кино Фросина
Вечер со Жаки Бероаје и Ален Мајор.
Модератор: г-ѓа Гена Теодосиевска, новинар.
21:00- Претставување на филмот од страна на Ален Мајор, продуцент.
Проекција на филмот ОД ТРЊЕ
на Ромен Никола (2012), со Анита Леколине, Ањес Сорал, Жилиет Бесон. (*сг)
Дали на животот му пристапуваме само од потешката страна? Прашање што четирите лика ќе мора да си го постават: Госпоѓа Роза, богата и цинична романсиерка, Жилиет, нема и супер чувствителна девојка без родители, Руди, убав мелез со многу дипломи, загубен ноќе во град и Марилин, осаменичка со многу организиран живот, се четирите столбови на приказната, обични ликови, соочени со себеси во денешната градска џунгла, чии патишта можеби ќе се сретнат...

23:00 - Претставување на филмот од страна на Жаки Бероаје
Проекција на филмот ГОЛГОТА
Од Фабрис ди Велц (2004), со Лоран Лика, Жаки Бероаје, Филип Наон. (*сг)
Марк Стивенс е патувачки пејач. Во болницата за сиромашни концертот е завршен. Го продолжува патот, но колата му се расипува среде пустелија. Бартел, гостилничар кој станал психолошки лабилен откако го напуштила жена му, го прима кај себе. Тогаш започнува вистинскиот кошмар за Марк: Бартел во него гледа олицетворение на неговата бивша жена и целото село е убедено дека таа се вратила во крајот.

*     *     *     *     *

Недела, 22 јуни 2014

СКОПЈЕ
Кино Фросина

20:30 Официјално затворање на фестивалот со режисерот Фредерик Шендрофер и доделување на Златна маска на фестивалот.
Модератор: г-ѓа Гена Теодосиевска, новинар.
Проекција „96 ЧАСА“
на Фредерик Шендорфер, со Жерар Ланвен, Нилс Арструп, Силви Тести. (*сг)
Кер е шеф на БРБ (Бигада за разбивање на криминални банди). Пред три години, тој фатил поголем криминалец, Кансел. Денес, Кансел киднапира полицаец и има 96 часа за да извлече од него само една информација: кој го издал.